ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА МЕНАЏМЕНТОТ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Менаџерите во своето одлучување, покрај другото, ги користат и финансиските извештаи како инструменти за следење на финансиската состојба и финансиското работење, воопшто.

Финансиските извештаи се користат за интерни цели, но исто така се и предмет на проучување и од страна на надворешни лица и институции. Нив ги користат акционерите, кредиторите на претпријатието, даночните и другите државни органи и други институции кои се занимаваат со финансиска анализа. Овие извештаи содржат значајни податоци за финансиската сила на претпријатието и неговото финансиско работење.

 

Менаџерите на претпријатието се заинтересирани пред се за ефектите што ќе ги има финансиското работење врз состојбата и перспективите на претпријатието во иднина. Анализата на финансиските извештаи треба да помогне за подобрување на резултатите во иднина. Менаџерот на претпријатието обично се интересираат за општата финансиска состојба на претпријатието, неговиот финансиски резултат, за развојните потенцијали, за можните финансиски ефекти на одлуките кои се во тек на реализирање, за политиката на дивиденди, за финансиските можности за финансирање на идната деловна експанзија на претпријатието и сл.

Со анализата на финансиските извештаи може во голема мера да се помогне во формулирањето на политиката и развојот на извршувањето на планот на организацијата. Со оваа анализа се стекнуваат и подлабоки сознанија за вкупното окружување на претпријатието, со што се овозможува проценка за долгорочната перспектива и опстанок на претпријатието.

Во контекстот на анализата на финансиските извештаи значајно е да се располага и со податоци од финансиските извештаи на конкуренцијата, добавувачите, купувачите. Резултатите од анализата на финансиските извештаи можат да имаат поголема корисност доколку се споредат со нивната вредност во претходните периоди.

Сепак, на аналитичките показатели треба да се гледа само како на пробни инструменти, а не како заклучни решенија и на нив не треба да се смета како на крајна, дефинитивна оценка, туку како на стартна, појдовна точка во оценка на можностите на претпријатието.

Основни финансиски извештаи

Претпријатијата ги изготвуват главно следниве видови на финансиски извештаи:

•      биланс на состојба - ја покажува финансиската состојба на претпријатието на определен ден, односно салдата на сметките за средствата, обврските и сопствениот капитал;

•      биланс на успех - ги содржи приходите и расходите остварени меѓу два датума на билансирање, и добивката или загубата остварена во работењето;

•      биланс на акумулирана добивка - покажува како по пат на добивката и дивидендите за определен временски период се менувала акумулираната добивка на претпријатието (акумулирана добивка на почетокот на годината + добивка - исплатени дивиденди = акумулирана добивка на крајот на годината);

•      преглед на паричните текови - покажува како се добиени паричните средства и како се користени за време на одреден временски период (салдо на паричните средства на почетокот на периодот + прилив на пари во текот на годината - одлив на пари во текот на годината = салдо на паричните средства на крајот на периодот);

Анализата на финансиските извештаи обично се извршува со неколку постапки:

•      хоризонтални анализи - можат да се приложуват во вид на анализа на прегледи кои содржат компаративни податоци за определени временски периоди. На тој начин со хоризонталната анализа се овозможува утврдување на разликите за секоја билансна позиција со цел да се увиди, која позиција колку е променета, а понатаму се испитува како дошло до промената и дали таа промена е позитивна или негативна.

•      вертикална анализа - постапката при вертикалната анализа треба да ги покаже односите меѓу различните билансни позиции во финансиските извештаи. Секоја билансна позиција се искажува како процент врз база на определена позиција во истиот финансиски извештај.

 

•      анализа со користење на аналитички показатели - аналитичките показатели се односи меѓу одделни билансни позиции. Тие се добиваат врз база на хоризонтални, вертикални и временски споредби на позициите на финансиските извештаи на претпријатијата и помеѓу претпријатијата, врз база на спордеба на податоците од финансиските извештаи и утврдените стандарди и сл.

Видови аналитички показатели

a) показатели на солветност (ликвидност)

- показател на тековна ликвидност - ова е еден од основните показатели за мерење на финансиската моќ на претпријатието. За пресметување на овој показател потребни се податоци за тековните средства и тековните обврски на претпријатието. Притоа, тековни средства се оние кои при нормално работење треба да се претворат во пари во еден разумен рок, најчесто од една година. Тековните стредства се состојат од: готовина, пазарна вредност на хартиите од вредност, побарувања од купувачите, залихи, претплатени расходи и сл. Разликата помеѓу тековните средства и тековните обврски го дава обртниот капитал на претпријатието.

Обртен капитал = тековни средства - тековни обврски

Пример (од податоците во табела 1):

1.040.000 = 1.675.000 - 635.000

Важноста на обртниот капитал е што претпријатието мора да располага со определен износ на овој капитал за да може да обезбеди навремена исплата на своите обврски, евентуално проширување на работењето или резерви за непредвидени и несакани настани.

Односот меѓу тековните средства и тековните обврски го дава тековниот показател:

Тековен показател = тековни средства / тековни обврски

Пример:

Тековен показател = 1.675.000/635.000 = 2,64

Поголемиот тековен показател значи поголема сигурност на кредиторите на претопријатието во однос на промптноста и целосната наплата на нивните побарувања од претпријатието. Во литературата се наведува дека тековниот показател 2:1 треба да се смета за поволен. Во практиката се земаат во предвид и други критериуми, на пример видот на дејноста, обемот на работењето, големината на претпријатието и сл.

б) показатели на ефикасност - овие показатели се утврдуваат со делење на износот на реализацијата со некој вид средства од билансот на состојба. Најчесто користен показател од оваа група е показателот на обртот на побарувањата од купувачите. Тој покажува колку пати претпријатието ги трансферирало своите побарувања од купувачите во парични средства во текот на годината, што е значаен индикатор за квалитетот на обртниот капитал и финансиското работење на претпријатието, воопшто.

Поголемиот износ на овој показател значи поефикасна наплата.

Просечен период на наплата на побарувањата:

Покажува колку денови се просечно потребни за наплата на побарувањата од купувачите.

в) показател на обрт на залихите

Овој показател ја покажува ефикасноста во управувањето со залихите. Доколку е поголем покажува подобро управување со залихите, бидејќи со понизок износ на залихи е остварен поголем обем на реализација.                                                            

Показател на чување на залихите:

Овој показател ја покажува ликвидноста на залихите, односно покажува колку време е потребно за еден денар вложен во залихи да се поврати во парични средства. Поголема вредност на овој показател значи помала ликвидност на залихите.

г) показател на рентабилност - рентабилноста е показател на деловниот успех на претпријатието.

Наједноставно, рентабилноста може да се искаже како разлика меѓу продажната цена и цената на чинење на производот. Сепак, најчесто се пресметува ако однос меѓу остварениот финансиски резултат и вкупните средства со кои е постигнат тој резултат, што претставува коефициент на рентабилност.

д) показатели на продуктивност - продуктивноста на претпријатието се изразува како однос на одреден вид на аутпут со определен вид на инпут. Аутпутот може да се изрази во физички единици или во вредности, додека инпут може да биде работната сила, материјалите, општите трошоци и сл.

Менаџментот на претпријатието би требало што повеќе да ги употребуваат финансиските извештаи и аналитичките показатели при донесувањето на деловните одлуки. Сепак, тоа не значи дека мора да се пресметуваат сите показатели, туку да се направи соодветен избор на аналитичките показатели што ќе ги користи претпријатието во определен момент. Целта на анализата на финансиските извештаи е да се осветлат клучните релации меѓу сметководствените цифри во финансиските извештаи за да се продре во работењето на претпријатието. Менаџерите треба да ги користат овие извештаи и показатели за да ги проценат импликациите на своите одлуки во врска со финансиската состојба и работењето.

Veysel Saraç