ДЕЛОВНО КОМУНИЦИРАЊЕ
ВО ПРЕТПРИЈАТИЈАТА 
 

english

 


мапа на сајтот


повеќе за ТЕМАТСКИТЕ ОБУКИ >>

повеќе за МОДУЛИТЕ (КУРСЕВИ и СЕМИНАРИ) >>

повеќе за RELAX-програмата >>

Една од основните потреби на човекот за нормално однесување во својата средина, секако е потребата од комуницирање.

Постојат повеќе начини на комуницирање. Добрата комуникација е особено важен фактор за успехот во човековото делување. Без разлика колку некој е подготвен за некоја тема, или пак е најголемиот иноватор, ако нема способност тоа да го пренесе на околината, да го објасни со зборови, или да го напише во логичен континуиран текст, од “силните” дарби и таленти нема да има никаква полза. Недостатокот на добрата и ефективна комуникација не се чувствува никаде толку, како на работното место . За ефикасно организирање и управување на кои било работни активности ефективната комуникација е од голема важност. Сите ние меѓусебно комуницираме. Лошата комуникација често се реперкуира како причина за нешто, што “наопаку тргнало”, без разлика дали тоа било на работното место, или во семејството.

Недостигот на комуницирањето, или лошото комуницирање сигурно дека негативно ќе се одрази и во процесот на менаџментот. Лошата комуникација претставува предуслов за лошо планирање, криво одлучување, недоволно организирање, недоследно раководење и површна контрола. А сето тоа придонесува брз неуспех.

КОМУНИЦИРАЊЕ ВО РАМКИТЕ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Претпријатието претставува специфичен организациски ентитет каде вработените во меѓусебните односи, комуникации и прилагодување стекнуваат и учат адекватно однесување. Поради тоа човечките потенцијали и ресурси што се среќаваат во претпријатието не се однадвор добиени и наследени, туку се производ на активните внатрешни односи, комуникации и прилагодувања, на внатрешно учење, одржување, проширување и усвојување на знаење.

За одржување и развивање на одредено однесување во рамките на претпријатието, многу важна улога играат интерперсоналните комуникации во рамките на организацијата. Во претпријатието треба да се одржуваат такви односи и комуникации во рамките на кои ќе мора да се биде добар и успешен, односно во рамките на кои не може да се биде лош и неуспешен. Притоа треба постојано да имаме на ум дека и најдобрите генетски, наследени особини и потенцијал не можат да дојдат до израз ако во претпријатието постои лош амбиент. Доколку владее дестимулирачка и антикреативна клима во претпријатието, луѓето во него не можат да бидат дури ни просечни, а не добри стручњаци и соработници. Таквата клима по правило произведува лоши стручњаци, соработници и лоши работници.

ВИДОВИ КОМУНИКАЦИИ ВО ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Во претпријатието голем дел од пораките се праќаат со зборови, но меѓусебната комуникација на луѓето не може да се сведе само на изговорените зборови, а неправилно е да се смета и дека комуницирањето преку зборови е најважниот начин на комуницирање меѓу луѓето во претпријатието. Изговорувањето на пораките не значи само по себе и нивна реализација. Многу е важно како таа порака е изговорена. Секој изговорен збор е пратен со низа невербални сигнали и на страна на испраќачот и на страна на примачот, кои на изговорениот збор му даваат смисла и интензитет на влијание.

Во рамките на меѓусебните комуникации во претпријатието не се пренесуваат само одредени содржини, туку заедно со нив ги дефинираме и одредуваме меѓусебните односи. При тоа невербалните пораки го одредуваат контекстот на изговорените пораки, а тоа повеќекратно ја засилува содржината на пораката и го одредува резултатот на комуникацијата. И најдобро подготвена и најстручно разработена порака може да остане незабележана и да не и се придаде никакво значење доколку не е адекватно проследена со невербални сигнали.

Покрај изговорените и неизговорените димензии на пораката, на ефективноста на комуникацискиот процес влијаат личните карактеристики на испраќачот и примачот на пораката. Затоа секое пренесување на пораки има и лична димензија.

Но, интерперсоналната комуникација во рамките на претпријатието на е само вербална, невербална, содржајна, односна и лична. Во една од своите димензии таа е и несвесна. За многу нешта од секојдневните комуникации на работните места воопшто не сме ни свесни. Многу пораки, дури и изговорени, а особено неизговорените ги праќаме несвесно. Затоа, секој менаџер треба да знае дека неговите соработници не се само свесни и рационални суштества, туку се и несвесни и ирационални. На работа доаѓаме со целината на својата личност, а тоа значи заедно со скриените, потиснати, полусвесни или несвесни делови на својата личност. Сето тоа се манифестира во нашите секојдневни комуникации, не само дома, меѓу пријателите, во секојдневните контакти со светот околу нас, туку и на работното место.

НЕВЕРБАЛНА КОМУНИКАЦИЈА - Се повеќе автори од областа на деловната комуникација ја нагласуваат важноста на невербалната комуникација. На пример, кога пишувате некој текст, вие комуницирате не само со зборовите, туку и со квалитетот и бојата на хартијата, уредноста во пишувањето и слични невербални квалитети.

За разлика од вербалната комуникација, која претставува трансфер на информации преку пораки искажани во зборови, невербалната комуникација претставува трансфер на информации кој не се потпира на значењето на зборовите. Невербалната комуникација обично се одвива заедно со вербалната и секогаш како дел од одредена ситуација во даден контекст. Слушателите треба да бидат внимателни и да не придаваат преголема важност само на еден, изолиран невербален знак се додека не го споредат со други невербални знаци, со вербалната порака, со моменталната ситуација и со пошироката околина и култура.

КОМУНИЦИРАЊЕТО И ОДНОСИТЕ ВО ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Меѓу луѓето во претпријатието се воспоставуваат голем број односи. Можеби најзначајните карактеристики на односите што се воспоставуваат меѓу луѓето во претпријатието се изведуваат од начинот на кој се одвиваат комуникациските процеси. Во најопшта смисла на зборот, судбината на содржината на пораките во комуникациските процеси е детерминирана од односите кои се воспоставени меѓу оние кои ги испраќаат и оние кои ги примаат пораките. Во рамките на тоа се изведуваат и односите меѓу испраќачот на пораката и содржината на пораката, како и меѓу примачот и содржината на пораката.

Смислата на комуницирањето не се состои само во тоа дека испраќачот чувствува потреба да пренесе нешто (некоја новост) на примачот, туку со содржината на таа порака да се оствари некои целно насочено однесување на примачот. Сосема е јасно дека информациите што се содржани во пораките ги мотивираат или го одредуваат однесувањето на примачот. Под кои услови примачот ќе се однесува во согласност со содржината на пораката, односно под кои услови ќе ја оствари содржината на пораката? Или, од што зависи прифаќањето, односно остварувањето на содржината на пораката од страна на примачот?

Централно значење имаат множеството на односите меѓу комуникациските партнери. Ефективноста на комуникацискиот процес зависи од тоа дали партнерите добро се познаваат, дали имаат заеднички цели во однос на комуницирањето на пораката или нејзините ефекти, дали меѓу себе се во добри односи, како комуницирале во изминатиот период, дали постои меѓусебна доверба, дали постои разбирање за евентуалните пречки во комуницирањето и сл.

Во рамките на комуникацискиот процес примачот го посматра однесувањето на испраќачот на пораката. Ако испраќачот има позитивен однос кон испратената порака, ако спрема неа и спрема примачот се однесува сериозно и со должно внимание, тоа има големо влијание на силата на одразот на пораката врз однесувањето на примачот. Доколку во однесувањето на испраќачот се гледа индиферентност или незаинтересираност, неодреденост и сл., може сериозно да биде доведено во прашање прифаќањето и реализацијата на содржината на пораката.

Бидејќи односите и ставовите на комуникациските партнери се невидливи или се комуницира на невербален начин, произлегува дека невербалното комуницирање има сериозно влијание на ефективноста на вербалната комуникација. Всушност со невербалните пораки кои го пратат нашето вербално комуницирање ги одредуваме односите и ставовите како спрема изговорената содржина на пораките, така и спрема оние на кои тие пораки им ги пренесуваме.

За успешно комуницирање не е доволно некоја информација, односно порака да биде изговорена. Таа треба да биде пратена и зацврстена со бројни димензии на невербалната комуникација. Вербалната порака може да биде изговорена, пренесена и адекватно разбрана. Но дали ќе бидат соодветно разбрани и невербалните пораки кои се емитираат во контекст на изговореното? Ние едноставно може да се контролираме и точно да го знаеме (па и да го запишеме) тоа што вербално ќе го комуницираме. Но нашите невербални пораки кои се наоѓаат на пример во интонацијата, бојата на гласот, акцентирањето на делови на реченицата, покретите на очите, веѓите и челото, движењата на лицето, усните или брадата, па и на рацете или телото го оддаваат она што реално го чувствуваме, а тоа остава силен впечаток кај примачот. Во вербалната порака може да се чувствува сигурност, реалност или сериозност, но сето тоа може да биде доведено во прашање ако невербалните пораки остават поинаков впечаток на примачот на пораката. Реалните проблеми се уште поголеми бидејќи може да се случи одразот на невербалното комуницирање никогаш да не го дознаеме или да го дознаеме во неадекватно време и простор, а во меѓувреме тоа да има силно влијание на комуникациските процеси и на односите што нив ги пратат.

Љубица Димовска

Информативно издание на
КОСМО Иновативен Центар.
Месечно ве информираме за нови иновативни бизнис-решенија
и активности кои ги објавуваме јавно како КОСМО ПРЕГЛЕД.

пријавете се... бидете во тек...

архива >>

ПАРТНЕРИ

почетна      услуги      обуки      производи      референци      работа      за нас      контакт

 
 © 2003 КОСМО Иновативен Центар. Сите права задржани.