ИЗГОТВУВАЊЕ
НА ГОДИШНАТА СМЕТКА 
 

english

 


мапа на сајтот


повеќе за ТЕМАТСКИТЕ ОБУКИ >>

повеќе за МОДУЛИТЕ (КУРСЕВИ и СЕМИНАРИ) >>

повеќе за RELAX-програмата >>

Збирот на позитивниот како и на негативниот промет на аналитичката евиденција треба да се слага со позитивниот односно негативниот промет на главната книга.

ПОДГОТВИТЕЛНИ РАБОТИ ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ НА ГОДИШНАТА СМЕТКА

- Треба да се изврши усогласување на сите аналитички евиденции со главната книга

- Да се изврши редовен попис на средствата и изворите на средствата

- Пресметка на амортизацијата

- Да се изготви и да се евидентира ревалоризацијата на амортизацијата

- Ревалоризација на нематеријалните и материјалните вложувања

- Распоред на ревалоризационата резерва

- Конечна пресметка на данокот на додадена вредност

- Отстапувања од планската цена на материјалите, резервните делови и ситниот инвентар

- Да се пресмета и евидентира разликата во цени на трговските стоки во продавниците

- Да се изготви бруто биланс со состојба на 31 декември во тековната година

Усогласување на аналитичките евиденции во главната книга

Збирот на позитивниот како и на негативниот промет на аналитичката евиденција треба да се слага со позитивниот односно негативниот промет на главната книга.

Редовен попис на средствата и изворите на средствата, побарувањата и обврските

Се формираат посебни пописни комисии, кои што ги попишуваат материјалните вредности (материјални вложувања, основни средства, суровини и материјали, резервни делови, ситен инвентар, недовршено производство, готови производи и трговски стоки) на лице место се врши попис со броење и мерење и се запишуваат. Количините утврдени со пописот се множат со цените по кои што се водат во магацинот и вака се утврдува фактичката состојба која потоа се споредува со книговодствените вредности на истите. Разликата претставува вишок или кусок. Пописот на нематеријалните вложувања, паричните средства на жиро сметка и други сметки во деловните банки како и побарувањата, обврските и трајниот капитал се попишуваат врз основа на постојната документација.

Пресметки на годишната амортизација

Нематеријалните и материјалните вложувања се отпишуваат на товар на вкупниот приход. Амортизацијата се пресметува на средствата набавени во поранешните години така и на оние средства што се набавени во тековната година. Кај опремата амортизацијата почнува да тече од наредниот месец од набавката, а кај градежните објекти чии век на траење е подолг од 20 години, амортизацијата отпочнува од наредната година, од годината во која се завршени. Основицата за амортизација е набавната вредност. Под набавна вредност се подразбира фактурната вредност зголемена за зависните трошоци.

Пресметка на ревалоризација на амортизацијата

Амортизацијата пресметана за тековната година претставува основица за ревалоризација. Истата се дели на бројот на месеците за кои е пресметана и се добива амортизација за еден месец. Амортизацијата за секој месец се множи со соодветниот коефициент на пораст на цените на производителите на индустриски производи.

Ревалоризација на нематеријалните и материјалните вложувања

Ревалоризација на нематеријалните и материјалните вложувања се врши пред се за да се избегнат негативните последици од инфлацијата. Ревалоризацијата се врши со примена на коефициентот за пораст на цените на производителите на индустриски производи. Основицата за пресметка е сегашната вредност на материјалните и нематеријалните вложувања.

Распоред на ревалоризационата резерва

Од ревалоризационите резерви најпрвин се врши надомест на расходите по основ на обврски за постојани средства. Ревалоризационата резерва по надоместувањето кај расходите од финансирање се распоредува на трајните извори на средства и тоа на:

- општествен капитал-до неговата трансформација

- акционерски капитал и

- некомуниран капитал

Распоредувањето се врши на трајните извори на средства согласно нивното поединечно учество во вкупниот траен капитал.

Конечна пресметка на данокот на додадена вредност на производи и услуги

Конечна пресметка за производи на мало односно - продавници:

- салдо на сметката 663

- вкупен долговен промет на сметката 663 и се додава на салдото на сметката 663, и се добива вкупното задолжување на продавницата

- се додава вишокот утврден со пописот

- се одбива кусокот од пописот

- се одбива залихата на стоки во продавница со состојба 31.12. во тековната година

Вака се добива износот на реализираната трговска стока во продавницата што претставува основица за конечно утврдување на обврската за данокот на додадена вредност.

- Реализираната трговска стока се множи со пресметаната даночна стапка и се добива вкупна обврска за плаќање на данокот. Овде се множи со пресметаната даночна стапка а не со пропишаната затоа што во износот на реализираната трговска стока што претставува даночна основица веќе е вкалкулиран и данокот-пресметаната даночна стапка се утврдува вака: пропишаната даночна стапка се множи со 100 а се дели со пропишаната даночна стапка зголемена за 100.

- Вкупно утврдената даночна обврска се споредува со веќе платените аконтации и се определува дали треба да се изврши доплата на данок или пак да се изврши повраќај на веќе уплатениот данок.

Пресметка на отстапувањето од цените на суровините, материјалите и резервните делови

Залихите на суровини и материјали, резервни делови и стоки, можат да се евидентираат по набавна вредност, по методот на просечни цени или пак по плански цени.

Ова отстапување од цените се јавува само во случај кога залихите се водат по плански цени.

Сочинување на бруто биланс

Збировите на позитивната страна и збирот на негативната страна во бруто билансот мораат да бидат исти.

Во рамките на заклучниот лист се содржани четири редовни биланси кои редовно се сочинуваат на крајот на пресметковниот период:

- Бруто биланс - ги содржи сите сметки за средствата, за изворите на средствата, сите сметки за приходите и сите сметки на расходите

- Салдо биланс - сите сметки на средствата и изворите на средствата, приходите и расходите кои после последните книжења покажуваат салдо (позитивно или негативно),

- Биланс на состојба - сите сметки на средствата и изворите на средствата од салдо билансот

- Биланс на успех - сите расходни и приходни сметки од салдо билансот

Зборот на левата и десната страна од бруто билансот треба да бидат еднакви

Збирот на левата и десната страна на салдо билансот треба да бидат еднакви

Разликата помеѓу збирот од левата и збирот од десната страна на билансот на состојба треба да биде еднаква со разликата помеѓу збирот од левата и збирот од десната страна на билансот на успех но од противположен карактер.

По внесувањето на споменатата разлика во заклучниот лист (на помалата страна) која всушност го искажува остварениот резултат и повторно собирање на страните на билансот на состојба и билансот на успех, збировите на левата и десната страна во споменатите биланси треба да бидат израмнети.

ИЗГОТВУВАЊЕ НА ГОДИШНАТА ПРЕСМЕТКА

Врз основа на веќе подготвениот бруто биланс се пресметуваат и утврдуваат следните финансиски резултати и сметководствено финансиски категории:

1. Утврдување на вкупните расходи

2. Утврдување на вкупните приходи

3.а) Пресметување на загубата за тековната година или

3.б) Пресметување на добивката пред оданочување

Доколку е остварена добивка, се врши нејзина распределба на следниов начин:

4. Пресметување на данокот на добивка

5. Пресметување на придонеси од добивка

6. Утврдување на нето добивка

Утврдената нето добивка според позитивните законски прописи се распределува на следниот начин:

6/1 Покривање на загуби

6/2 Зголемување на трајниот (општествен) капитал

6/3 Зголемување на трајните влогови

6/4 Исплата на дивиденди на вложувачите

6/5 Зголемување на резервите

6/6 Зголемување на платите од добивката

6/7 Зголемување на средствата за други намени – заедничка потрошувачка

6/8Остатокот е нераспределена добивка

Утврдување на вкупните расходи

Вкупните расходи на правните лица ги сочинуваат:

- материјалните трошоци и амортизација

- платите

- намалувањето на вредноста на залихите на недовршеното производство и готовите производи

- набавната вредност на продадените стоки и материјали

- расходите на финансирање

- вонредни расходи и

- капитална загуба

Утврдување на вкупните приходи

Вкупните приходи на правните лица ги сочинуваат:

- приходите од продажба на учиноци (учиноци производи или услуги)

- приходи од финансирањето

- вонредни приходи

- капитална добивка

Пресметување на загубата на деловната година

Доколку вкупните расходи се поголеми од вкупните приходи остварена е загуба на деловната година.

Доколку е остварена загуба на тековната година, правното лице ќе е во обврска да пресмета и плати данок и придонеси од добивката, бидејќи и во ваков случај согласно законот за данок од добивка правното лице може да има даночна основа на која ќе се пресмета данокот од добивката.

Пресметување на добивката пред оданочување

Доколку вкупните приходи се поголеми од вкупните расходи, остварена е добивка пред оданочување. Тоа значи дека добитниот промет е помал од кредитниот промет - негативното салдо претставува добивка пред оданочување.

Пресметка на данокот на добивка

Во принцип даночната основица претставува добивка пред оданочување. Согласно законот за данок на добивка, правните лица кои во своето работење остваруваат добивка се обврзници за пресметување и плаќање на данок на добивка. Имено, во законот се пропишани дополнителни олеснувања со кои се намалува добивката пред оданочување како и дополнителни оптоварувања со кои се зголемува добивката пред оданочување што претставува основица за оданочување

Пресметување на придонесите од добивка

Со законот за здравствена заштита пропишана е обврска за пресметување и плаќање на придонес за здравствена заштита од добивка. Со законот на водите пропишана е обврска за пресметување и плаќање на придонес за водостопанство од добивка. Основицата за пресметка претставува основицата утврдена при пресметката на данокот на добивка. Висината на ставката се утврдува со посебни одлуки.

Утврдување на нето добивката и распоредување на истата

Од добивката пред оданочување евидентирана на негативната страна на сметката 800 се врши покривање на пресметаниот данок и придонеси од добивката, а остатокот претставува нето добивка, односно добивка по оданочување.

Нето-добивката може да се распореди за:

- покривање на загуба од поранешни години

- зголемување на трајниот капитал

- дивиденди на вложувачите

- резерви

- плати од добивка

- други намени-заедничка потрошувачка

- нераспоредена добивка

Весна Хриџиќ

Информативно издание на
КОСМО Иновативен Центар.
Месечно ве информираме за нови иновативни бизнис-решенија
и активности кои ги објавуваме јавно како КОСМО ПРЕГЛЕД.

пријавете се... бидете во тек...

архива >>

ПАРТНЕРИ

почетна      услуги      обуки      производи      референци      работа      за нас      контакт

 
 © 2003 КОСМО Иновативен Центар. Сите права задржани.